ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
Позначајни активности на специјалистижките кадри од овој оддел, кои може да се вбројат како единствени научно-истражувачки, а врз чија основа се изработени и реализирани комплексни проекти во нашата земја се:
- Колективно флотирање на оловно-цинковата руда и валоризација на пирит во рудниците “Саса”, каде се постигнати подобри технолошки параметри при искористувањето на олово, цинк и сребро, заштитени се водотеците од токсични реагенси.
- Одводнување на гипс во хемиската индустрија “ХИВ”-Велес, каде за прв пат е извршено депонирање на гипсот со помош на двојно хидроциклонирање, додека депонираниот гипс може да се користи во цементната индустрија.
Реконструкција на флотацијата за селективно флотирање на олово и цинк – рудник “Злетово”, со која е извршена замена на увозните скапи и потоксични реагенси и е намалена употребата на други реагенси, со домашни поефтини и помалку токсични реагенси. Извршена е промена на методите на флотација, а заштитата на околината е знатно подобрена.
За рудникот “Суводол” во составот на РЕК- Битола, изработени се дел од техничките проекти за отварање на површинскиот коп со годишен капацитет од 4 000 000 т јаглен (односно 6 000 000 т во втората фаза). На овој површински коп е проектирана и се применува современа континуирана технологија за експлоатација, односно роторен багер, транспортни ленти и одлагачи.
Соработниците се посебно ангажирани, заедно со стручните луѓе од “Суводол” во анализирањето и решавањето на тековните рударско-технолошки проблеми кои се јавуваат во технолошкиот процес на експлоатација, тоа:
- Следење, систематско анализирање и дефинирање на оптималните параметри на микротехнологијата кај откопните багери СРс 2000, со цел за подобрување на стабилноста на етажите и постигнување на оптимални техничко-економските ефекти.
- Изработка на дополнителни технички решенија за дефинирање на основните рударско-технолошки параметри за формирање на завршните контури на северната граница на копот.
- Изработка на технички решенија за воведување нови технолошки фази со примена на дупчачко-минерски работи за растресување на одделни цврсти делови од откривката на копот, а со цел на намалување на застоите кај основната технолошка опрема и зголемување на капацитетот и економските ефекти.
За рудникот “Осломеј” – Кичево изработени се дел од техничките проекти за отварање и воведување во редовна експлоатација на површинскиот коп со годишен капацитет од 1 200 000 т. јаглен.
Особено внимание во соработката со овој површински коп е посветено врз понатамошното студиско истражување и проектантско третирање на истражените резерви јаглен со цел за зголемување на експлоатационите резерви, односно обезбедување на суровини за подолгорочна работа на ТЕ “Осломеј”.
Со дополнителни проектантски истражувања може да се очекува проширување на површинската експлоатација и на ревирот Осломеј-запад, односно помалите лежишта Поповјани и Строгомиште.
Стручните соработници од овој оддел имаат земено активно учество во истражувањето, проектирањето и отварањето на помалите лежишта на јаглен “Берово” и “Пискупштина” со поединечен капацитет од 80 до 100 000 т. јаглен годишно, со што значително се придонесе во зголемувањето на енергетските потенцијали на Републиката за потребите на индустријата и широката потрошувачка.
Во последните години се работи врз една комплексна студија околу согледувањето на можностите за заедничка површинска експлоатација на неколку помали лежишта на јаглен во источна Македонија (Делчево, Берово, Истевник-Панчарево). Целта на овие истражувања е определување на оптимални методи за отварање на овие лежишта и рационално искористување на откопаниот јаглен.
Овој оддел има земено активно учество во отварањето и почетокот на користење на отворениот коп Ржаново со проектиран капацитет од 1 100 000 т. годишно.
Во периодот од 1978 до 1979 година изработени се Фисибилити студија и Главен проект. Во 1994 година е изработен дополнителен рударски проект, за к.750, со кој се зголемува експлоатациониот век на лежиштето. Во овој момент се вршат истражувања и проектни активности со цел да се согледаат можностите за промена на постојниот камионски транспорт на откривката со комбиниран систем со камиони и транспортни системи.
Во периодот 1991-1992 година превземени се истражувачки активности во соработка со Бирото за рударство (БУМИНГС- САД). Овие активности се вршеа во областа на истражување на можноста за комбинирани технологии на транспорт во длабоки површински копови на метални руди (површински коп Ржаново, површински коп Бучим и други), под име “Можности за примена на комплексна технологија за континуален транспорт во длабоки површински копови на метални руди”. |
|