РУДАРСТВО - Подземна Експлоатација
Овој оддел се занимава со истражувачка и проектантска дејност од областа на подземна експлоатација на рудните лежишта, односно отварање, разработка, подготовка, технологија за откопување, транспорт, извоз, снабдување со енергија, одводнување и друго.
Во текот на 20 годишното работење, секоја фаза од технолошкиот процес за подземна експлоатација била обработувана за рудниците во Македонија, на ниво на основна концепција, техно-економски студии, инвестициони програми, идејни проекти, технички односно дополнителни проекти и друго.
Одделните фази од технолошкиот процес за подземна експлоатација, како на пример технологијата за откопување, осигурувањето на откопите, дупчењето, минирањето и друго, биле предмет на истражувања и изучувања преку соодветни лабораториски моделни испитувања со цел да се одредат најповолните параметри во согласност со монтан-геолошките и другите услови на рудните лежишта.
Најповолните параметри добиени со предходните научно-истражувачки активности, се основа за натамошна обработка на проблемите преку соодветна документација.
Во соработка со рудниците од Македонија, извршени се бројни научно-истражувачки активности, и е изработена обемна техничка документација во врска со технологијата на откопување и другите фази од технолошкиот процес за подземна експлоатација.
Рудниците “Злетово” се состојат од повеќе ревири, кои се отворени со извозно скип-окно и поткопи од површината. Откопаната руда од ревирите во Добрево се превезува до флотацијата во Пробиштип преку главниот поткоп со тролејна влеча.
Рудниците “Саса” исто така се состојат од повеќе ревири, кои се отворени со извозно скип-окно и поткопи од површината. Откопаната руда од ревирот „Свиња река” се спушта со окно и гравитациони рудни сипки до флотацијата. Откопаната руда од ревирот „Голема река” се извезува со скип-окно до нископот, од каде се транспортира до флотацијата.
Рудникот “Тораница” е отворен со поткопи од површината. За транспорт на самоодната опрема и друго, е изградена главна коса рампа и откопни рампи. Откопаната руда се спушта гравитационо преку централни рудни сипки на главниот извозен поткоп. По главниот поткоп рудата се транспортира со тролејна електро влеча до флотацијата. Врз основа на изработената документација, во соработка со рудниците, воведена е соодветна технологија за откопување со примена на современа механизација, прилагодена на локалнитемонтан-геолошки и други услови за експлоатација. Како резултат на различните услови за откопување, во рудниците се применети повеќе откопни методи и нивни варијанти.
Од посебен интерес е учеството во изработката на фисибилити студијата за користење на Подинската јагленова серија ПЈС во п.к. Суводол, РЕК Битола, можноста за отварање на подземниот коп Брод-Гнеотино, и подземниот коп Живојно со цел да се продолжи работниот век на РЕК-Битола.
|
|