РУДАРСТВО - Површинска Експлоатација
Овој оддел работи врз комплексната проблематика поврзана со научно-истражувачката и проектантската дејност од областа на површинската експлоатација на јаглените, металите и неметалните суровини.
Со истражувањето и проектантската дејност посебно се опфатени основните фази на технолошкиот процес кај површинската експлоатација при отварање на нови и проширување, односно модернизација, на постојните копови, и тоа: процесите на дупчење, минирање, товарење, транспорт на откопаните маси, одлагање на јаловината, како и основните технолошки параметри на транспортните комуникации на копот и проблематиката за заштита на коповите од подземните, односно површинските води.
Формирани се специјализирани групи за метални и неметални минерални суровини, кои се занимаваат поконкретно со специфичните проблеми што се сретнуваат во фазата на истражување и проектирање на поодделни лежишта, односно на постојните површински копови.
Посебно внимание се посветува на поодделната потесна специјализација на стручните соработници. Така, некои соработници, повеќе се ориентирани на проблематиката за отварање и конструкција на површинските копови, дупчачко-минерските работи, како и на проблематиката за експлоатација на малите лежишта на неметални минерални суровини.
Посебно внимание е посветено во областа на истражувањето, проектирањето и тековното следење на технолошкиот процес за експлоатација на јаглените, односно врз проблематиката поврзана со технологијата за континуирана експлоатација кај крупните површински копови, како Суводол и Осломеј.
Во последните години се вршат интензивни научно-истражувачки работи за согледување на можностите во врска со воведување на комплексна технологија за континуирана експлоатација со примена на полустационарни и мобилни дробилки кај лежиштата на цврсти метални суровини, особено кај перспективните лежишта на бакар.
Обработена е бројна документација во врска со прелиминарните студиски истражувања на одделни лежишта на минерални суровини со цел за согледување на перспективните економски можности и оправданоста за нивно комплексно доистражување, односно можностите за нивна валоризација. Особено добри резултати се постигнати во соработката сонекои површински копови и рудници во Македонија.
|
|